Македонската ракометна репрезентација денеска го имаше првиот собир, со што се означува стартот на подготовките за Европското првенство кое за помалку од еден месец ќе биде во Австрија, Норвешка и Шведска. Првиот дел од подготовките е шанса за младите ракометари да се истакнат и да покажат дека имаат квалитет да бидат дел од најдобриот тим.
Првите контролни мечеви Македонија ќе ги има во Србија и Романија, кога селекторот ќе има подобра слика за тоа кој играч како може да се наметне.
„Можеби ќе звучи малку грубо, но ова е речиси Б репрезентацијата. Мислам дека е неопходно да има поделба за играчите да знаат каде припаѓаат и да имаат мотив да се борат за да напредуваат и да се изборат за место во селекцијата А. Им верувам на младите, затоа и им давам шанса. Нивно е во следните четири меча да ме убедат во своите квалитети. Желба ми е тие што ќе се изборат за место во репрезентацијата А, да немаат само епизодна улога, туку да помогнат да стигнеме до подобар резултат. Мислам дека е време млад играч да блесне во репрезентативниот дрес на едно европско првенство“, рече Брестовац.
Што се однесува до противниците во групата, селекторот е убеден дека можеме рамноправно да сѐ носиме со сите ривали.
„Добро е што завршивме први во квалификациите бидејќи на тој начин добивме за нијанса полесни противници. Чешка, Украина и Австрија се ривали кои можеме да ги победиме, но сѐ зависи од тоа како ќе одиграме. Нашиот фокус е на првиот меч против Украина, бидејќи со победа на стартот, ќе направиме исчекор кон следната фаза“, објаснува селекторот Брестовац.