Откако почна училишната година, Бејл нема дадено гол за Реал

Велшанецот Герет Бејл сезонава во шпанското фудбалско првенство има постигнато само два гола, и двата на „Ел Мадригал“, кога Реал Мадрид гостуваше кај Вилјареал. Тоа се случи на 1 септември. Оттогаш поминаа 113 дена во кои Бејл нема дадено гол во дресот на мадридскиот клуб, а бројката уште ќе расте со оглед на тоа дека сега има пауза.

Летоска Бејл со едната нога беше надвор од Реал, Зинедин Зидан кажа дека не смета на него, но по повредата на Марко Асенсио, работите кон крајот на август се сменија и Бејл не беше продаден. Бејл во третото коло на мечот против Вилјареал даде два гола и покажа дека е во форма, но на истиот меч доби и црвен картон, па откако заврши преодниот рок, го снема.

Бејл одигра 13 меча, на девет беше стартер, но нема гол и тоа е една од причините за неефикасноста на Лос Бланкос. На 5 октомври против Гранада имаше асистенција и тоа му е придонесот. Беше и повреден, па не настапи на седум натпревари, а често добива и свирежи од публиката во Мадрид.

Во дресот на репрезентацијата му оди многу подобро. Во октомври даде гол против Хрватска, а во ноември на клучниот меч против Унгарија беше асистент на голот со кој Велс се пласираше на ЕП 2020.

- Оглас -

Најнови вести