Јуве испрати новогодишно пакетче до Манчестер: 60 милиони евра + Џан за Погба

Како што се наближува јануарскиот преоден рок, така сè почести се бомбастичните шпекулации околу фудбалските ѕвезди кои се незадоволни во сегашните средини во кои се наоѓаат. Еден од нив е Пол Погба, најскапиот фудбалер на Манчестер јунајтед, за кого веќе извесно време се води расправија каде ќе ја продолжи кариерата.

До неодамна Мадрид беше негова прва и веројатно единствена дестинација, да го облече кралскиот дрес е сон на Погба кој можеше лесно да го оствари во текот на летото. Сега Реал не е загреан како порано, но друг гигант ги цени квалитетите на францускиот играч за врска, поточно знае од каков калибар е ѕвездата на Јунајтед.

Јувентус има намера да го врати Погба во своите редови, и тоа во претстојниот преоден рок. Понудата која наводно се подготвува да се достави на адреса на Црвените ѓаволи е 60 милиони евра, плус Емре Џан. Германскиот репрезентативец наводно е проценет од 35 до 40 милиони евра, што значи дека трансферот на Погба би изнесувал околу 100 милиони евра.

Сумата е огромна ако се знае дека Погба изминатиов викенд заигра за првпат речиси по три месеци пауза, откако претходно се рехабилитираше од повреда на зглобот. Неговото враќање не помина според планот, неговата екипа загуби кај Ватфорд со 2-0, па иако имаше неколку добри потези, се забележа дека не е на потребното играчко ниво.

- Оглас -

Најнови вести