Фудбалските клубови од целиот свет потрошиле рекордни 5,44 милијарди долари за нови играчи во текот на летниот преоден рок.
Како што се очекуваше, најголемиот дел, односно повеќе од три четвртини од целата сума е потрошена од клубови кои играат во Топ 5 лигите во Европа. Екипите од Англија, Германија, Италија, Франција и Шпанија вкупно потрошиле 4,21 милијарди долари, односно 77,5 отсто од целата сума.
Системот на ФИФА покажува дека клубовите од Топ 5 лигите потрошиле 6,6 отсто повеќе од минатата година во летниот преоден рок. Очекувано, најмногу пари се потрошени во Англија. Клубовите од оваа земја потрошиле 1,44 милијарди долари, но тоа не е национален рекорд. Во 2017 година овие клубови потрошиле 1,465 милијарди долари.
Клубовите од италијанската Серија А ја надминаа бројката од милијарда долари, што е за 74,7 отсто повеќе од лани. И во Шпанија е зголемен процентот за 42,2 отсто, а потрошени се вкупно 961 милион долари.
Француските клубови потрошиле 419 милиони долари, што е пад за 37,4 отсто од лани. Бундеслигашките клубови потрошиле вкупно 319 милиони долари.