Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Кувајт со 22-23 во денешниот пријателски меч во српскиот град Инѓија, втор против Кувајт, откако вчера избраниците на Данило Брестовац го совладаа истиот противник со 27-24.
Митревски имал 12 одбрани, а во нападот најкорисни биле Танкоски со 4 и Костески, Поповски и Велковски со по три гола. Со ова, подмладениот македонски тим го заврши делот од подготовките во Србија. Утре „црвено-жолтите“ се селат во Романија, каде што викендов ќе играат на Трофејот Карпати, а прв противник им е Алжир.
Селекторот Брестовац испробуваше разни варијанти, им даде шанса на сите да се наметнат и да си заработат место во составот кој ќе игра на Европското првенство во јануари. Комплетирањето на националниот тим со приклучување на најискусните ќе се случи по враќањето од Букурешт.