Актуелниот англиски првак Манчестер сити вечерва гостува кај Вулверхемптон во божиќното 19-то коло на Премиер лигата. Граѓаните се фокусирани да им се реваншираат на Волците за шокантниот пораз од осмото коло, кога тимот на Еспирито Санто славеше со 0-2 на „Етихад“.
Сити воедно ќе треба да го искористи вчерашниот пораз на Лестер од Ливерпул со цел да се искачи на втората позиција на табелата, а евентуален триумф ќе биде од посебно значење за менаџерот Пеп Гвардиола.
Експредводникот на Барселона и Баерн Минхен досега го предводеше Сити до 99 победи во ПЛ на вкупно 132 натпревари, а со јубилејниот 100-ти триумф ќе урне рекорд на Жозе Мурињо. Португалецот до 100 победи во англиското првенство стигна по 142 натпревари, па со евентуална „двојка“ вечерва на стадионот „Молињо“, Пеп ќе го избрише Мурињо од рекордните книги на Премиер лигата.