Вулверхемптон покажа дека е тим кој може да се бори за висок пласман, откако синоќа со 3:2 го победи Манчестер сити, во меч на кој домаќините беа во негатива од два гола, но на крајот сепак се радуваа.Тимот на Нињо Еспирито Санто е најпријатното изненадување сезонава во Премиер лигата и има само еден пораз во последните 12 меча.
Со еден ваков биланс, популарните Волци скокнаа на петото место на табелата и најавија дека може да се борат дури и за позиција која води излез во Лигата на шампиони. Вулверхемптон имаше играч повеќе цели 80 минути од мечот поради црвениот картон кој го доби голманот на гостите Едерсон, а домаќините тоа умешно го искористија и доминираа на теренот.
Како ретко кога Сити имаше само 38 отсто посед на топка, што само потврдува дека Вулверхемтон има квалитетен состав кој знае како да ја задржи топката во своите нозе. Еден од главните алки во овој тим е светски познатиот менаџер Жорге Мендеш. Португалецот има голем број на светски ѕвезди во својата агенција, а во Вулверхемптон носи талентирани играчи кои допрва треба да го покажат својот квалитет и треба да ја подигнат цената.
За јануарскиот преоден рок е договорено дека во редовите на премиерлигашот ќе дојде Хе-чан Хванг кој игра во Салцбург. Корејскиот напаѓач има 23 години, а дојден е на позајмица од германскиот Хамбург. Хванг сезонава игра одлично и има девет голови и 14 асистенции, а е одличен во комбинација со Ерлинг Халанд.
Вулверхемптон се очекува да плати 23 милиони евра за трансфер на Хванг, а Салцбург не може да го сопре овој трансфер, бидејќи австрискиот клуб нема никаков договор дека по завршување на позајмицата може да го откупи договорот на голгетерот од Хамбург.