Стевче Алушовски (47), поранешниот играч и капитен на Вардар, е назначен за нов тренер на најтрофејниот македонски ракометен клуб. Алушовски ќе биде третиот тренер сезонава на клупата на црвено-црните, а доаѓа на местото на Едуард Кокшаров, кој привремено ја извршуваше тренерската позиција.
Точно една декада помина за Алушовски повторно да го брани амблемот на Вардар. Во 2010 година го одигра последниот натпревар за Вардар, а неколку сезони беше и капитен на тимот. Играше на позицијата крило. Со екипата на Вардар има освоено 11 трофеи, шест во првенството на Македонија и 5 во Купот на Македонија. Во 2004 година беше избран за најдобар ракометар на Македонија.
По играчката кариера, Алушовски продолжи како тренер. Прво седна на клупата на Пелистер, каде што имаше одлична серија од 11 победи по ред по што битолскиот клуб обезбеди место во плејофот по неколкугодишна апстиненција. По промената во управата на клубот, тој заминува, а потоа следна дестинација му беше екипата на Еурофарм Работник. Со овој битолски тим успева да стигне до вицешампионската титула во Македонија и првпат да го однесе тимот во СЕХА-лигата.
Сезонава го предводеше Еурофарм Работник во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите, а во Битола успеа да го победи тимот на Веспрем. Имаше серија на „тесни порази”, по што се договори со клубот да замине.
„Голема чест и вистински предизвик е да се биде предводник во клубот што зад себе има две шампионски титули во три години. Клубот во кој играв 10 години, бев капитен и освоив вкупно 11 титули секогаш имал големо место во моето спортско срце. Верувам дека ќе продолжиме на победничкиот пат. Размислуваме како подобро да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната. Се надевам повредите и малерите ќе нè одминат и ќе можеме да ја оствариме зацртаната цел. Секогаш е тешко да се одбрани она што е освоено, но имаме позитивна мисла и добра мотивација”, изјави Алушовски за сајтот на РК Вардар.
Тој во неколкиу наврати беше дел од тимот на Вардар – прво во периодот од 2001 до 2004, потоа од 2005 до 2010 година. За репрезентацијата на Македонија има одиграно над 200 натпревари и постигнато на 350 голови.
Во спортската кариера има настапувано за неколку екипи: Пелистер Битола, Преспа Јафа промет, Вардар и Металург. Има и три настапи за младинската репрезентација на СФРЈ. Со репрезентацијата на Македонија играше на ЕП 1998 во Италија, на СП 1999 во Египет, на СП 2009 во Хрватска и на ЕП 2012 година во Србија, кога Македонија го освои петтото место.
„Вардар сезонава им даде шанса на повеќе млади играчи од нашиот втор тим. Сметаме дека е време и наши домашни тренери да добијат поголема шанса. Алушовски е амбициозен тренер кој меѓу првите доби Мастер коуч диплома на ЕХФ. Алушовски е дел од Вардар со оглед на неговиоте десет години како играч во црвено-црниот дрес. Верувам дека ќе успееме да ги оствариме зацртаните планови за сезонава, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
По новогодишните празници, Алушовски ќе ја има и првата прозивка со екипата, односно со играчите што ќе бидат слободни и нема да заминат на ЕП со своите репрезентации.