Пешевски: Македонија се навикна на ракометни успеси

Жарко Пешевски вели дека Македонија се навикна на ракометни успеси и на клупски и на репрезентативен план и дека очекува да ја минеме првата фаза по групи на Европското првенство што ќе се игра од 9 до 26 јануари.

Македонија е во група со домаќинот Австрија, потоа и со Чешка и Украина, а ќе играме во првата фаза на ЕП во Виена.

„Имаме силни противници, но ние природно, според развојот на ракометот, според резултатите и успесите ѝ припаѓаме на европската ракометна елита. Очекувам да ја минеме првата фаза, а сè понатаму ќе биде успех“, вели Пешевски.

Пикерот на Штутгарт додава дека нема изразит фаворит за титулата на Европското првенство, а негов тип е Германија, најмногу заради настапите во Бундеслигата.

Германците типуваат на нас како на фаворити во групата и очекуваат дека ќе одиме понатаму, со напомена дека предводена од Кирил Лазаров, Македонија на убедлив начин ги мина квалификациите за настап на ЕП.

Првиот меч ќе го играме на 10 јануари против Украина од 20.30 часот, а два дена подоцна ривал ќе ни биде Чешка од 16 часот. Првата фаза по групи ја завршуваме со дуел против еден од домаќините на ЕП, селекцијата на Австрија на 14 јануари, а тој меч ќе се игра од 18.15 часот.

- Оглас -

Најнови вести