Рекордерот по бројот на титули во Формула 1, легендарниот германски пилот Михаел Шумахер, денеска полни 51 година. Популарниот Шуми по оштетувањето на мозокот како последица на тешката повреда на главата која ја здоби на скијање пред шест години, доби многу желби за добро здравје и поддршка да ја продолжи битката.
Од Формула 1 му порачаа дека секој ден мислат на него, а особено денеска, кога слави роденден.
Најголемите успеси човекот кој го нарекуваа и Црвениот барон ги имаше со Ферари. Италијанскиот тим потсети дека Шумахер во болидот на Ферари освои пет титули и имаше 72 победи. За Ферари нема дилеми дека тој е најголемиот на сите времиња и исто така му порачаа да продолжи со борбата за закрепнување, како и од Мерцедес, тимот во којшто ја заврши кариерата. Од Мерцедес на германски и англиски јазик му посакаа среќен роденден и најдобри желби. Иако не возеше за Вилијамс, и од тој тим му го честитаа 51-виот роденден.
Шумахер е рекордер во Формула 1 по бројот на титули (7), победи (91), подиуми (155), победи во една сезона (13), најбрзи кругови (77) и освоени титули по ред (5). Во 2013 година ја заврши кариерата, а во декември таа година се случи инцидентот по кој Шумахер остана закован за кревет.