Вода за секое дете во Етиопија е второто мото на престојното Европско првенство во ракомет што ќе се игра од 9 до 26 јануари и на кое ќе учествува и Македонија.
Секој играч што ќе го добие признанието за најдобар играч на мечот ќе ја донира наградата за жедните во Етиопија. Проектот на ЕХФ е за секоја пофалба.
Главни во проектот кој барем малку ќе успее да им помогне на околу 60 милиони луѓе во Етиопија, кои немаат пристап до извор на чиста вода за пиење ќе биде данската фирма „Грундфос“ и водечката невладина организација за дистрибуција на вода во светот, „Ворлд вижн“.
„Имаме шанса на вакво големо натпреварување да помогнеме со донации. Одлучивме да им помогнеме пред се на децата во Етиопија, кои немаат исти можности како останатите деца во светот. Водата е една од примарните работи во животот и се надевам дека проектот барем малку ќе успее да донесе радост и детски насмевки“, вели директорката на Грундфос, Гите Киркеби Сое.
На шампионатот што ќе почне задутре ќе се играат 65 натпревари и 65 играчи ќе добијат беџ за спомен и леток во кој се објаснува проектот за помош на Етипоија, а ќе бидат и донатори во хуманата акција на ЕХФ, Грундфос и Ворлд вижн.
Македонија ќе ја има премиерата на ЕП во Виена на 10 јануари против Украина, а два дена подоцна ќе играме со Чешка. Фазата по групи ќе ја завршиме со меч против домаќинот Австрија на 14 јануари.
Организатори покрај Австријците се и Норвешка и Шведска. Првата фаза по групи ќе ја минат најдобрите две селекции.