Актуелниот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ, како одличен познавач на македонскиот ракомет, во анализата пред Европското првенство смета дека секој натпревар на Македонија во Виена ќе биде значаен од различен аспект.
Кастратовиќ смета дека пресметките со Чешка и Австрија ќе бидат клучни за атмосферата во тимот и одредувањето на пласманот на претстојниот шампионат.
ПОБЕДА ВО ПРВОТО КОЛО Е ВЕТЕР ВО ГРБ
„Сите противници во групата се сериозни. Австрија е домаќин, но тие многу осцилираат. Во Катар 2015 година играа добро, беа високо пласирани, а потоа играа по системот топло-ладно. Со оглед на тоа дека се домаќини, мислам дека дуелот со Австрија ќе решава кој ќе оди во втора фаза како првопласиран од групата. Чешка во континуитет игра на едно европско ниво, тим кој според мене е во подем. Македонија со Чешка неколку пати имаше исцрпувачки мечеви, но генерално излегувавме како победници, се надевам дека така ќе биде и сега. Резултатот од првиот меч со Украина е дополнителен психолошки мотив. Со позитивен резултат, ракометарите ќе имаат дополнителен мотив за да се оствари посакуваниот резултат. Мое мислење е дека вистински тест ќе бидат дуелите од второто и третото коло во групана фаза. Тие ќе ја одредат и вкупната атмосфера и амбициите понатаму“, вели Кастратовиќ.
ОТСУСТВОТО НА ВЕЛКО МАРКОСКИ Е ХЕНДИКЕП
Кастратовиќ смета дека повредата на Велко Маркоски, кој е столб на одбраната, ќе биде хендикеп за тимот, како и малата минутажа на Талески и Кузмановски во Бундеслигата.
„Пласманот во втората фаза за овој состав би бил успех, а за понатаму ќе зависи од здравствената состојба и резултатите во првата фаза. Имаме микс од искусни и помалку искусни играчи, на некои ова ЕП ќе им биде деби, некои првпат ќе треба да се носат со улогата на носители на играта. Секој нареден меч е собирање искуство и значаен за во иднина“, смета Кастратовиќ.
„Сигурно дека она што го оптоварува тимот е и малата минутажа на бековите Кузмановсии и Талески во Бундеслигата, а тоа може да биде пречка за развој на настаните за позитивен настан на ЕП. Но репрезентацијата на Македонија има уште неколку играчи покрај капитенот Лазаров кои може да дадат придонес во тие позициски напади. Во мал број се играчите од мојот клуб, Јагуриноски отпадна, Велко е повреден, не сум сигурен дека освен Танкоски, ќе имаме и друг играч во 16-те коишто ќе играат, но тој може да даде голем придонес во играта“, заклучува некогашниот тренер на Вардар и ексселектор на црногорската и иранската репрезентација.