Еден од најголемите борци во македонската ракометна репрезентација, Жарко Пешевски, очекува жестока борба за секоја топка на утрешниот дуел против Чешка, меч кој треба да го решат нијанси. Пешевски вели дека никако не смее да се повторат грешките од дуелот против Украина, а со помош на публиката, Македонија да стигне до втората победа на ЕП.
„Чешка е познат ривал на Македонија. Мора да влеземе посконцентрирани и помотивирани од дуелот со Украина. Чесите вчера одиграа храбро против Австрија, но за нивна штета загубија. Затоа ова за нив ќе биде меч да се биде или не, но и за нас е многу важен дуел. Максимално сме подготвени и со подршка од публиката да направиме добар резултат и да се радуваме на крај. Очекувам груба жестока игра и одбраната да го реши победникот. Кој ќе биде посконцентрирам кој ќе направи помалку грешки на крајот ќе победи“, вели Пешевски.
Македонија и Чешка досега одиграле 14 меча, а противникот е малку поуспешен. Чешка има шест победи, Македонија се радувала пет пати, а три меча завршиле нерешено.