На една од најпознатите улични трки во Европа „Сан Силвестре Валјекана“ која традиционално се одржува во Мадрид на 31.12 во вечерните часови, Дарио Ивановски патеката долга 10.000м ја истрча за фантастични 30.05 и за цели 50 секунди го подобри рекордот на Македонија кој беше во негова сопственост.
Со ова достигнување Дарио стави печат на најуспешната сезона во неговата кариера во која по третпат го освои признанието атлетичар на годината на Македонија. Признанието е повеќе од заслужено поради неговите фантастични достигнувања, а посебно по остварениот резултат на Балканското првенство во сала кое се одржа на почетокот на сезоната 2019 во Истанбул.
Со настапот на 3000м Ивановски го освои сребрениот медал со фантастичен резултат од 08.03.65 кој преставува најмоќен и највреден резултат што Македонија го имала во 21 век. Овој постигнат резултат воедно значеше и остварување на норма за настап на Европското првенство во сала. Дарио оваа сезона успеа уште еднаш на Балканското првенство во крос да освои уште еден медал за Македонија и тоа бронзен во дисциплината млади сениори, а притоа оствари многу победи, државни титули и урна неколку национални рекорди.
Неговиот тренер и искусен атлетичар Игор Јакимовски паралелно со неговата тренерска улога во кариерата на Дарио, продолжи и со својата тркачка кариера како докажан атлетичар и рамо до рамо со многу помлади атлетичари секогаш финишираше во самиот врв на натпреварите.
Тој на свои 44 години успеа да истрча цели 46 трки во сезоната 2019 што доволно зборува за неговата подготвеност и желба да се натпреварува со младите атлетичари. Во возрасната категорија над 40 години во текот на целата сезона успеа речиси на сите Балкански маратони и полумаратони да го освои првото место, а неговата цел за следната сезона е токму на Балканското првенство во сала за ветерани да се закити со медал.
Јакимовски освен со Дарио, веќе две сезони работи и со македонската шампионка и рекордерка Адријана Поп Арсова. Токму изминатата сезона Адријана влезе во тимот заедно до Игор и Дарио кој Sport Life ги спонзорира и подржува на патот до своите историски успеси.
Имено Адријана, како и Дарио, ја имаше својата најуспешна сезона во која успеа да оствари еден куп победи на домашна и меѓународна сцена, ги освои сите национални титули и постави нови рекорди на сите должини од 3000м до маратон. Таа на Балканското првенство во маратон успеа да се закити со бронзениот медал, а својата најдобра трка ја имаше пред својата домашна публика на скопскиот маратон на кој го постигна својот највреден резултат во кариерата – 02.52.52.
Сите овие постигнувања на нашиот најдобар македонски атлетки тим ни даваат за право да веруваме во поуспешна сезона 2020. Токму во оваа сезона се летните олимписки игри кои ќе се одржат во Токио, Јапонија, а наш најсериозен кандидат е токму Дарио Ивановски.
Според Јакимовски, формата и самодовербата на Дарио на стартот на сезоната гарантираат пласман и дебитантско учество на Олимпијадата. За да се случи тоа, Дарио ќе треба да оствари неколку поставени цели кои стартуваат уште на почетокот на сезоната со првите натпревари во сала, а потоа на натпреварите на отворено кои ќе стартуваат во април.
Како никогаш досега во тимот на Јакимовски владее најпозитивна атмосфера и со големо нетрпение се чека стартот на сезоната 2020. Sport Life и понатаму ќе продолжи да ги подржува Игор, Дарио и Адријана , соработка која трае веќе цела деценија.