Зидан со Реал не загубил финале, но Симеоне си има други проблеми

Мадридските ривали Реал и Атлетико, вечерва од 19 часот во Џеда, Саудиска Арабија, ја почнуваат битката во финалето на шпанскиот Суперкупот кој првпат се игра со четири тима, па победникот ќе се запише во историјата како прв победник во ваков формат.

Реал со Зинедин Зидан на клупата има девет добиени, и ниту едно загубено финале во сите натпреварувања. Неколку пати жртва во финалињата им беше и Атлетико. Зидан често ги менува стратегиите, а сега се претпоставува дека може да тргне со истите 11-мина кои ја надиграа и победија Валенсија во полуфиналето. Дилемата му е дали во нападот да биде Јовиќ или Родриго. Неиграњето на Бензема, Азар, Бејл, ги намали опциите во нападот и на крилните позиции, па главен збор ќе води средниот ред.

Атлетико во полуфиналето ја шокираше Барселона со пресврт и два гола во финишот, но во финалето ќе го нема Коке кој ја отвори гол-серијата во полуфиналето, а на повреда се жали и Облак. Облак ќе брани, но не е 100 отсто подготвен. Атлетико не се плаши од никого, но Симеоне има и личен мотив, првпат да добие финале против Зидан.

Суперкупот се игра 4.500 километри од Мадрид. Летоска на пријателски меч во САД беше 7-3 за Атлетико, есеноска во лигата на „Ванда метрополитано“ беше 0-0. Којзнае во каков правец ќе оди мечот, но едно е сигурно: никој не сака да загуби од градскиот ривал.

- Оглас -

Најнови вести