Виктор Мозес дојде во Интер, каде што во следните шест месеци ќе игра како позајмен од Челзи. Овој 29-годишен офанзивец во првата полусезона играше за Фенербахче, а таа позајмица е раскината и тој премина во Интер, каде што соработува со тренерот Антонио Конте, со кого беа заедно во Челзи.
Мозес е осмиот Нигериец кој бил во еден од најтрофејните италијански клубови. Пред него, дресот на Интер го носеле Тарибо Вест, Нванкво Кану, Обафеми Мартинс, Виктор Нсофор, Иса Елијакву, Нванкво Обиорах и Џоел Оби.
Во Интер, Мозес на грбот ќе носи бројот 11.
„Многу сум среќен што повторно ќе работам со Конте. Сакам да дадам придонес за тимот и да уживам во играта“, изјави Мозес, кој е четвртиот играч од Премиер лигата кој дојде во Интер во ерата на Конте по Ромелу Лукаку, Алексис Санчес и Ешли Јанг.