Ракометарите на Вардар тргнаа со победа во 2020 година, на пријателски тренинг-натпревар од затворен тип беа подобри од Еурофарм Работник со 32-28. И без неколку играчи во составот, Вардар покажа дека сериозно се подготвува за она што му претстои следните месеци, односно одбраната на титулите и враќањето на Купот на Македонија.
Ги немаше голманите Кизиќ, Гедбан и Кугис, ниту пак Стоилов и Атман, а иако тренира со екипата, Толедо уште го нема облечено дресот, додека Дисингер е на рехабилитација по операцијата на коленото. Тренерот Стевче Алушовски му даде шанса на младиот голман Гогов од екипата на Вардар јуниор, исто како и неговиот колега Анѓелковски.
Во второто полувреме „црвено-црните“ заиграа многу подобро, па имаа и огромно водство од 24-14.
„Ова беше прв натпревар за нас и сакав да видам како ќе биде во некои делови од играта. Имавме и некои отсутни играчи и задоволен сум од тоа како играчите се поставија и како сакаат да се наметнат. Ова беше само тренинг меч кој треба да ни покаже каде сме и каде треба да внимаваме во темпирањето на формата. Сега влегуваме во една сериозна фаза од подготовките за продолжувањето на сезоната и секако тој прв натпревар со Кил во Германија и верувам дека кога ќе бидеме комплетни ќе бидеме уште подобри“, изјави Алушовски.
Во Лигата на шампионите, Вардар на 5 февруари треба да патува за Германија, каде што ќе игра против Кил.
Скубе со 9 и Чупиќ со 6 голови беа најдобри стрелци, додека кај гостите Јотиќ и Граѓан погодија по 7 пати.