Скапото засилување на Барселона, Френки Де Јонг, кој на „Камп ноу“ пристигна минатото лето за сума од 75 милиони евра, доби остри критики од холандската легенда Руд Гулит. Трофејниот поренешн фудбалер на Милан и ексевропски првак го советува својот сонародник да го крене нивото на игра бидејќи верува во неговите квалитети.
„Мислам дека Френки не игра толку добро во моментов колку што кажуваат коментарите. Познавајќи го, сметам дека може да биде уште подобар. Тој мора да го подигне своето ниво на игра за доброто на екипата. Верувам во неговите квалитети бидејќи веќе се адаптира на новата средина во Барселона, само треба да покаже што знае“, истакна Гулит за холандските медиуми.
Дваесет и двегодишниот холандски репрезентитвец стандардно играше кај претходниот тренер Ернесто Валверде, а се чини дека и Сетјен има доверба во него. Сепак, во вкупно 28 меча во сите натпреварувања, Де Јонг реализира само еден гол и запиша три асистенции.