Во пресрет на вечераниот дуел против Удинезе, тренерот на Интер Антонио Конте застана во одбрана на својот учинок во Премиер лигата кога беше на кормилото на Челзи. Тој смета дека неговиот престој на Островот, иако краток, беше успешен бидејќи уште во првата сезона ја освои шампионската титула со Сините, а во втората негова сезона го освои и ФА купот, за разлика од неговите колеги Јирген Клоп и Пеп Гвардиола.
Шпанскиот стратег во дебитанстката сезона на клупата на Граѓаните не освои ниту едно одличје, додека на Клоп му беа потребни три години за да донесе трофеј на „Енфилд“, а во меѓувреме загуби три финалиња – во ЛЕ, ЛШ и Карабао купот.
„Додека бев во Челзи, со тимот успеав да ја освојам титулата уште во првата сезона, а веќе во следната го кренавме и пехарот во ФА купот. Клоп веќе петта година е во Англија и нема домашен трофеј, додека Гвардиола остана со празни раце во неговата прва сезона во Сити“, истакна Конте.
Во меѓувреме, Гвардиола со Сити стана двократен англиски првак, освои три Лига купови и еден ФА куп, додека Клоп дури оваа сезона ќе се закити со англиски пехар бидејќи неговиот Ливерпул ита кон титулата во Премиер лигата со 22 бода предност во однос на актуелниот првак по 25 кола.