Канзас сити го победи Сан Франциско со 31:20 во Суперболот во Мајами и ја освои првата титула по пауза од точно 50 години. Мечот имаше неверојатна последна четвртина. На 7:13 минути до крајот, Канзас беше во безизлезна ситуација. Губеа со 20:10, а беа на 35 јарди од својата половина во трет обид да постигнат 15 јарди.
Квотербекот Патрик Махомес беше под голем притисок дека мора да направи некој магичен потег. И успеа. Успеа да испорача неверојатно додавање од 44 јарди, пронаоѓајќи го осамениот Тирек Хил. Тогаш Канзас се доближи на 21 јард од голот на противникот и го најави големиот пресврт.
До крајот на мечот Канзас успеа да направи три тачдауна и од негатива 10:20, на крајот стигнаа до убедлива победа од 31:20. Интересно е тоа што Канзас во секој меч од плејофот имаше заостанување од 10 поени, а на крајот успеваше да се врати и да победи. Така беше и ноќеска, за прва титула по 1970 година.
Квотербекот на победничкиот тим, Патрик Махомес со 24 години стана најмладиот играч во историјата на НФЛ кој успеал да биде МВП на сезоната (2019) и МВП на Суперболот (2020). Во финалниот меч тој заврши со 26 успешни додавања од 42 обиди за освоени 286 јарди и беше најзаслужен за два тачдауна.
Погледнете ги најинтересните моменти од Суперболот.