Некогашниот шведски тенисер Матс Виландер прогнозира дека Новак Ѓоковиќ ќе освои уште најмалку два Гренд слем турнири до крајот на сезонава. Според Виландер, Ѓоковиќ е голем фаворит за триумф на Вимблдон, а сигурно и на Отвореното првенство на САД ќе биде во најтесен круг на фаворитите.
На Ѓоковиќ одлично му тргна сезоната и триумфираше на Отвореното првенство на Австралија и сега има вкупно 17 Гренд слем турнири. Пред него се само Рафаел Надал со 19 и рекордерот Роџер Федерер со 20 Гренд слем титули. Виландер за сезонава единствено предност на Надал му дава на Ролан Гарос, каде што Шпанецот царува.
„Ѓоковиќ е сè поблиску и поблиску да ги достигне Надал и Федерер. Кога Ноле победува Отвореното првенство на Австралија, најчесто има добра сезона. Победи во Мелбурн и сега се поставува прашањето дали може да победи и на Вимблдон. Мојот одговор на тоа е дека може, и тоа ќе биде негова 18-та Гренд слем титула. Ако биде во таква форма, тогаш Ѓоковиќ ќе биде фаворит и на Отвореното првенство на САД, што би значело дека може да стигне до 19 Гренд слем титули. На крајот од сезонава може да имаме двајца играчи со по 20 титули (Федерер и Надал) и еден со 19 (Ѓоковиќ)“, анализираше Виландер.