Елмас најдобро оценет во победата на Наполи против Сампдорија

Елиф Елмас долго време ќе го памти гостувањето кај Сампдорија бидејќи македонскиот репрезентативец токму на теренот во Џенова синоќа го постигна првиот гол во Серија А. Елмас ја доби довербата од тренерот Џенаро Гатузо да биде стартер и максимално покажа дека заслужува место меѓу најдобрите 11 кај Наполи. Тимот од југот на Италија победи со 4:2, а токму Елмас беше еден од најзаслужните за освоените три бода.

Македонскиот репрезентативец во 16-тата минута погоди за 2:0, што е негов првенец во италијанското првенство. Елмас играше до 80-тата минута, а потоа беше заменет. Италијанските медиуми во анализата на мечот и оценувањето на играчите на фудбалерите на Наполи, Елмас го ставија меѓу тие тројца со највисока оценка.

Елмас доби оценка 7, колку што имаа Марио Руи и Милик. Сите останати играчи на Наполи беа со послаба оценка од 7, што само покажува дека нашиот Дијамант блескаше на теренот. Во објаснувањето за тоа што направи Елмас на теренот стои дека тој бил еден од моторите на екипата, воопшто не се штедел, бил одличен и во двата правци (напад и одбрана) и дека воопшто не ги штедел нозете. Посебно адреналин и самодоверба добил откако го постигнал голот.

Оваа игра на Елмас сигурно ќе го увери Гатузо дека во своите редови навистина има уникатен играч кој треба многу почесто да го користи.

- Оглас -

Најнови вести