Резервниот состав на Ливерпул вчера обезбеди пласман во петтото коло од ФА купот, каде што го очекува дуел против Челзи во битка за четврт-финале. Црвените со автоголот на Вилијамс славеа минимално против нисколигашот Шрусбери во возвратниот дуел.
Младинците покажаа дека може да се носат со сениори иако Шрусбери игра во третата англиска лига, а еден од играчите кој вчера блескаше на „Енфилд“, Неко Вилијамс, посочи дека би сакал истиот состав да игра и против Сините во следната фаза.
„Од самиот почеток на средбата го дававме својот максимум за да ја израдуваме публиката. За нас овој меч беше посебен, покажавме што знаеме и би сакал овој ист состав да се пресмета и со Челзи. Секако дека цел на клубот е да освојува трофеи, ФА купот е еден од нив кои би сакале да го сместиме во нашиот кабинет со пехари“, истакна младиот Неко.
Инаку, Ливерпул за првпат во ерата на Јирген Клоп се пласира во осминафиналето од ФА купот, иако Германецот не беше покрај аут-линијата да ја води екипата.