МЗТ во БиХ да стави крај на лошата мини-серија

МЗТ Скопје денес гостува кај Широки Брег во рамките од 19-тото коло во АБА2 лигата. Актуелниот македонски првак, кој го држи второто место на табелата, цели на прекин на мини-серијата од два порази кои ги претрпе од Сплит и Хелиос Домжале во претходните кола.

Меѓутоа, долгиот пат и отсуствата на неколку играчи поради болест се проблеми со кои Штрковите мора да се носат, а тренерот Кочов од своите избраници очекува во мечот да пристапат со максимална концентрација.

„Нè очекува тешко гостување, пред сè поради долгиот пат кон БиХ. Покрај тоа, имаме проблеми и со болни играчи, што дополнително ни ја отежнува ситуацијата. Ќе биде тешко да се совлада Широки на нивен терен, но мислам дека не сме без шанси. Наша задача е да ја спречиме нивната игра во транзиција, како и да бидеме најмалку изедначени во скокот. Очекувам правилен пристап на моите кошаркари, а не смееме во ниту еден момент да делуваме летаргично, особено не во одбраната, која мора да биде компактна ако сакаме да ги неутрализираме играчите со коишто располага противникот, пред сè мислам на Дрежњак, Зубац, Краљевиќ, Филиповиќ…“, истакна тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов.

Во минатото МЗТ и Широки се пресметуваа во рамките од Првата лига на АБА, а билансот од тие средби им припаѓа на Аеродромци со 3-1, додека уште една победа остварија сезонава на домашен терен во осмото коло од АБА2 лигата.

Дуелот е закажан за 18 часот, а истиот можете да го проследите на вториот канал на „Арена спорт“.

- Оглас -

Најнови вести