Сезоната 2019/20 полека влегува во клучниот дел во кој на програмата се враќа и Лигата на шампионите, поточно овој месец започнува нокаут-фазата. Тоа значи згуснат распоред за учесниците во елитното натпреварување, а особено пеколен период го очекува Челзи.
Составот на Френк Лампард од 17 февруари до 21 март ќе одигра девет натпревари, во тие 34 дена, Сините ќе се соочат гиганти како што се Манчестер јунајтед, Тотенхем, Ливерпул, Баерн Минхен и Манчестер сити.
Токму по завршувањето на зимската пауза, односно на 17 февруари, Челзи ќе ги пречека Црвените ѓаволи на „Стемфорд бриџ“ во дуелот од 26-тото коло во Премиер лигата. Пет дена подоцна им следува градското дерби против Тотенхем, а на 25 февруари ќе го пречекаат германскиот првак Баерн во првиот осминафинален дуел од ЛШ.
На почетокот од март на „Стемфорд бриџ“ доаѓа Ливерпул, против кого Челзи ќе води битка за пласман во четвртфиналето од ФА купот. Возвратниот дуел против Баварците е закажан за 18 март, а само три дена подоцна на домашен терен ќе играат против актуелниот англиски првак Манчестер сити.
Меѓу овие дуели ги очекуваат гостувања кај незгодните Борнмут и Астон вила, како и меч против Евертон, што значи дека младата екипа која ја предводи клупската легенда ќе мора да игра над очекувањата ако сака да оствари добри резултати, особено што во изминатиов период не се во посакувана форма.
Челзи моментално го зазема четвртото место во Премиер лигата со 41 бод по 25 натпревари, осум помалку од Лестер, односно четири бода повеќе од Манчестер јунајтед.