Неповторливиот Фалкао со два гола ја заврши кариерата (видео)

Репрезентативецот на футсал-селекцијата на Бразил, Фалкао, на 41 година одлучи да стави крај на својата богата кариера. Мајсторот во мал фудбал, на последниот настап во дресот на Селесао постигна два гола против Парагвај и практично му донесе победа од 4-2 на својот Бразил.

Фалкао се огласи преку социјалните мрежи дека се заситил од својата „прва љубов“ и времето ќе го посвети на своето семејтво.

„Заради футсалот бев далеку од мојот дом, од моето семејство, но, оваа авантура вредеше да се доживее и повторно би го направил тоа. Едноставно, сфатив дека е време да се простам од мојата прва љубов и да се посветам на други работи во животот“, стои во пораката на Фалкао.

Четириесет и едногодишниот играч во богатата кариера има освоено голем број трофеи и индивидуални награди. Меѓу посебните се двете светски титули во футсал, во 2008 и 2012 година, како и две титули како шампион на Јужна Америка. Во четири наврати беше избран и за најдобар светски играч на футсал, во 2004, 2006, 2011 и 2012 година. За селекцијата на Бразил, Фалкао постигна вкупно 401 гол на 258 натпревари.

- Оглас -

Најнови вести