Повреда во најлош можен момент: Стерлинг не игра против Реал?

Во пресрет на дуелот меѓу Манчестер сити и Вест хем во рамки од 26-тото коло од Премиер лигата, предводникот на Граѓаните Пеп Гвардиола донесе лоши вести. Ѕвездата Рахим Стерлинг се здоби со повреда на бутниот мускул од левата нога, по што му се предвидува пауза од неколку недели.

Тоа значи дека англискиот офанзивец може да го пропушти првиот осминафинален дуел против Реал Мадрид во Лигата на шампионите, кој е закажан на 26 февруари. Отсуството на Стерлинг ќе биде голем хендикеп за актуелниот англиски првак на кого трофејот од европското натпреварување му остана како единствена цел, со оглед на тоа дека ги загуби шансите да ја одбрани титулата во Премиер лигата.

„Повредата на Стерлинг ни ја отежнува работата. Ќе отсуствува неколку недели, не знам колку точно. Но, тоа е проблем со кој мораме да се носиме. Во мојата прва сезона тука не можев да сметам на Гундоган цела сезона, оваа сезона истиот проблем го имам со Лапорт, така што мора да се помириме со фактот“, истакна Гвардиола.

Покрај дуелот против Кралевите, Стерлинг нема да присуствува на дуелот со Чеканите, како и гостувањето кај Лестер на 22 февруари.

Стерлинг веќе неколку сезони е еден од клучните играчи кај Гвардиола, а во актуелната кампања реализира 20 погодоци на вкупно 35 натпревари, како и намести шест гола.

- Оглас -

Најнови вести