Февруари е посебен месец за фудбалските фанатици бидејќи на големата сцена се враќа Лигата на шампионите. Од наредната работна недела почнуваат првите осминафинални дуели, а како што се наближува времето, така сè почесто овие мечеви се главна тема на разговор.
Меѓу екипите кои ќе ги одмерат силите во двомеч се Баерн Минхен и Челзи. Германскиот првак важи за фаворит против подмладената екипа која ја предводи Френк Лампард, а поранешната германска легенда Михаел Балак изјасни свое видување која од двете негови поранешни екипи би можела да продолжи во следната фаза.
„Баерн е фаворит од повеќе причини. Искуството е на нивна страна, имаат доста врвни фудбалери кои знаат да се заканат од различни ситуации. Челзи поради забраната на трансфери мораше да се потпре на играчите од школата. Лампард е млад и неискусен тренер, што е голем плус за Баварците. Иако фаворитската улога е доделена, Челзи има млад тим кој може да експлодира и да изненади. Нивниот тим може да се спореди со оној на Дортмунд, кој уште е во процес на усовршување“, истакна Балак.
Германецот се задржа по четири години и во Баерн и во Челзи, каде што одигра над 100 меча за двете страни, освојувајќи бројни трофеи.
Челзи е домаќин во првиот осминафинален дуел кој е закажан за 25 февруари, додека реваншот на „Алијанц арената“ е предвиден за 18 март.