Необичен начин како Зидан ги „пали“ играчите на Реал Мадрид за да стигнат до титулата во Шпанија

По 23 одиграни меча во Шпанија, Реал Мадрид е лидер во првенството. Кралскиот клуб има 52 бода, три повеќе од вечниот ривал Барселона. Ако се гледа актуелната ситуација, Реал сам си одлучува за титулата, иако има уште 15 кола до крајот и долг е патот до конечна радост.

Во последните седум години, Реал дури четири пати беше европски првак, но кога се работи за титулите во шпанското првенство, ситуацијата за Кралевите е далеку од добра. Во последните седум сезони Реал Мадрид само еднаш беше првак на Шпанија, а во последните неколку години Реал не само што не е шампион, туку се случуваше и да не биде најдобар во својот град бидејќи Атлетико Мадрид имаше неколку одлични сезони.

Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, има интересен начин на којшто ги мотивира своите фудбалери. Популарниот Зизу вели дека е недозволиво за тим како Реал Мадрид да има само една титула во толку долг период. Францускиот стратег го споменува Лука Модриќ. Зидан вели дека не е нормално играч од калибарот на Лука да има само една титула во Шпанија, а толку долго е дел од Примера.

„Не е нормално Лука, кој е тука осум години, да има само една титула во Примера!“, викал Зидан во една од ситуациите кога бил лут на своите играчи, во обид да ги мотивира и да сфатат дека е дојдено време да се прекине доминацијата на Барселона.

Колку за споредба, Луис Суарес и Марк Андре тер Штеген, кои во Барселона пристигнаа во 2014 година, досега имаат четири титули во Шпанија, додека Модриќ има само една со Реал Мадрид. Со четири титули во шпанското првенство во Реал Мадрид може да се пофалат само Серхио Рамос и Марсело, а тие двајца се пристигнати на „Сантијаго Бернабеу“ од 2005, односно 2006 година.

Викендов Реал Мадрид игра на свој терен против Селта Виго и е голем фаворит за освојување на три бода и задржување на челната позиција во Шпанија.

 

- Оглас -

Најнови вести