Ривалството на фудбалските клубови Арсенал и Тотенхем е големо, но тие не се ривали само на фудбалскиот терен, туку сакаат да бидат подобри од противникот во секакви работи. Сега двата клуба од северен Лондон се во битка и наддавање на чиј стадион да се одржи боксерскиот спектакл во тешка категорија помеѓу Ентони Џошуа и Кубрат Пулев.
Имаше шпекулации дека британскиот шампион и бугарскиот предизвикувач ќе боксуваат за три шампионски појаси во Истанбул, Катар или во Саудиска Арабија, но речиси сигурно е дека битката која уште не е ни официјално закажана (се најавува дека ќе биде на 13 или 20 јуни), ќе се води во главниот град на Велика Британија.
Промотерот Еди Херн рече дека сега благ фаворит е „Емирејтс“ на Арсенал, стадион со 60.000 седишта, иако претходно се преговарало мечот да се одржи на новиот стадион на Тотенхем, кој има 62.000 седишта. Понудата од Арсенал била подобра од таа на Тотенхем, но и двете опции се во игра.