Долгоочекуваното враќање на Еден Азар на терените конечно ќе се случи овој викенд, поточно утре во дуелот против Селта Виго. Реал Мадрид на таа средба ќе се обиде да ја оствари шестата првенствена победа во низа, а составот на Зинедин Зидан ќе биде посилен за белгиската ѕвезда.
Азар од ноември минатата година е надвор од клупските обврски поради повреда на зглобот, се очекуваше да се врати на терените и порано овој месец, меѓутоа францускиот стратег не сакаше да брза со него за да не се обнови повредата, но сега дефинитивно е подготвен да настапи.
„Време е за Азар да се врати во составот. Среќен сум што ќе го видам како игра по три месеци. Тој е важен играч за нас, затоа не сакавме да брзаме со одлуки. Но, сега е подготвен, а публиката ќе види за каков уникатен играч се работи“, истакна Зидан.
По 23 лигашки средби, Реал е лидер во Ла Лига со 52 бода, три повеќе од актуелниот првак Барселона.