Реал Мадрид утре ќе го претстави новото засилување Реиниер Жезус Карвалјо. Талентираниот бразилски тинејџер за кого Кралевите потрошија 30 милиони евра е новото чудо од дете кое доаѓа од земјата на Кариоките, како Родриго и Винисиус јуниор.
Реиниер вчера наполни 18 години, а дојде од редовите на јужноамериканскиот шампион Фламенго. Трансферот на младиот репрезентативец на Бразил се реализира уште во зимскиот рок, а клубот утре ќе искористи прилика да го претстави на јавноста. Офанзивецот вчера присуствуваше на „Сантијаго Бернабеу“ во ремито на Реал и Селта Виго од 2-2, додека во остатокот од сезоната ќе биде дел од тимот Б на Кралевите, односно Реал Кастилја.
Реиниер го привлече вниманието на себе уште минатата сезона, во дресот на Фламенго одигра вкупно 15 меча, од кои 14 се во шампионатот, на кои реализира четири гола и шест асистенции.
Comunicado Oficial: presentación de Reinier.#WelcomeReinier | #RealMadrid
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) February 17, 2020