Тодоров: Публиката може многу да ни помогне, верувам дека ќе бидеме комплетни

Македонската кошаркарска репрезентација утревечер (20.15 часот) ја пречекува Естонија во првото коло од квалификациите за ЕП 2021, а селекторот Александар Тодоров и центарот Бојан Крстевски на прес-конференција ги кажаа своите мислења во пресрет на дуелот.

„Можам да истакнам дека одработивме добар циклус подготовки, од вториот ден бевме комплетирани со сите 15-мина кошаркари. Она што сакаме да ни биде стил на игра, можам да истакнам задоволство. По мечот со Гостивар, неколкумина играчи се разболеа, некои играчи не тренираа два дена. Имавме мали малери на синоќешниот тренинг, плејмејкерите се повредија, но ќе играат. Имаме игра на претпоставки, сигурен сум дека Естонија ќе се обиде со истата тактика како во 2017 кога победи тука. Нивните најдобри играчи се на позицијата крилни центри, добри шутери се. Мечот нема да биде психолошки лесен, се обидуваме да го намалиме притисокот“, најави Тодоров.

Тодоров знае кои 12-мина ќе играат, но по вечерашниот тренинг, дефинитивно ќе пресече кои ќе играат. Најмладите кои се дебитанти не заостануваат многу зад поискуните и ќе бидат во состав, а ако Андреј Јакимовски го реши проблемот со вирозата, ќе настапи.

„Ја повикувам упбликата во голем број да дојде и да ни помогне. Важно е да победиме по можност со што поголема разлика. Ако сите се здрави, знам кои 12-мина ќе играат. Тие 12-мина ќе одат и во Русија“, рече Тодоров, кој смета дека плејмејкерската линија Димитријевиќ, Магдевски и Николов треба да биде носител на националниот тим уште десетина години.

„Задоволен сум како се подготвивме. Останува да се бориме на сите мечеви. Да пробаме да го испочитуваме договореното и се надевам на успех.Немаме доволно информации за противникот, фокусот беше на нашата игра. Мора да одиграме максимално борбено, пожртвувано“, изјави Крстевски.

 

- Оглас -

Најнови вести