Повредата на Ненад Димитријевиќ, кој синоќа стисна заби против Естонија, но не може да игра и в недела против Русија, му ги расипа плановите на селекторот Александар Тодоров, но направи проблем и за Кошаркарската федерација.
И покрај краткиот рок за промена на авионскиот билет, за македонската репрезентација во последен момент се отвори можност за замена, која стручниот штаб ја искористи. На местото на повредениот Димитријевиќ, утрово заедно со останатите репрезентативци отпатува и бекот на Работнички, Виктор Ефремовски, кој беше на списокот од 15-темина кошаркари, но заедно со Марко Миловановиќ и Филип Бакоч, кои отпаднаа ден пред дуелот со Естонија.
Тоа ќе биде можност 21-годишниот шутер да дебитира за сениорската репрезентација откако претходно ги помина речиси сите младински селекции на Македонија. Тој со Работнички има гостувано во салата во Перм и нема убави сеќавања, се надеваме дека сега може да биде поинаку.
Натпреварот против Русија е закажан за 23 февруари во 16 часот по средноевропско време.