Викендот во Премиер лигата ќе започне со градското дерби меѓу Челзи и Тотенхем. Петлите утре гостуваат на „Стемфорд бриџ“ во 13:30 часот, како прв меч од 27-мото коло, а Жозе Мурињо се побуни дека неговите играчи немаат време за одмор.
„Фудбалерите на Челзи сигурно гледаа како се мачиме во Лигата на шампионите, седнати пред ТВ си пиеја минерална вода со лимон, одмораа и уживаа во фудбалот. Ние игравме во вторникот, а веќе утре нè очекува тешко гостување. Ѝ благодарам на Премиер лигата за распоредот. Не можеме да се наспиеме како што треба. Бидејќи играме рано, мора да се будиме во 7:30 часот наместо да спиеме до 11“, истакна Мурињо.
Покрај тоа што неговите фудбалери се уморни, Мурињо мака мачи и со повредите и отсуствата на главните Хари Кејн и Сон Хеунг-мин. Саботното дерби ќе бие битка за местото кое води во Лигата на шампионите, Челзи е четврти со 41 бод, додека Петлите се место подолу со еден бод помалку.