Македонската кошаркарска репрезентација од 16 часот (пренос на Спортклуб 2) гостува кај Русија во дуел на двата ранети лавови, тимови кои загубија во првото коло од квалификациите за Евробаскетот 2021. Домашниот пораз од Естонија, може да биде кобен по македонските амбиции за пласман на ЕП, а Русија загубија неочекувано убедливо од Италија за која истотака немаше играчи од НБА и Евролигата.
Традицијата најавува победа на Русија. Македонија имала пет официјални средби против овој противник и секогаш сме губеле. Најболни беа оние на Евробаскетот во 2011 година, особено последниот, во мечот за трето место. Попладнево ако ги изненадиме во Перм, може да испадне битката да место на ЕП да ја водиме против Русија, а не со Естонија.
„Сигурен сум дека на стартот очекувавме победа и ние и Русите, па влегуваме разочарани. Ние треба да бидеме поопуштени, нема што да загубиме. Тие се физички посилни, ние имавме многу примени поени после офанзивен скок, и тој проблем мора да го решиме. Ако ги неутрализираме во скокот, и ако подобра реализација за тројка отколку со Естонја, тогаш може да се надеваме на успех“ – рече селекторот Александар Тодоров.
РУСИЈА ПРОТИВ НАС СО ПО ЕДЕН ИГРАЧ ОД ЕВРОЛИГАШИТЕ ЦСКА И ЗЕНИТ
Бојан Крстевски и Виктор Ефремовски се единствените кои играле во Перм, и немаат пријатни сеќавања бидејќи тогаш Работнички беше разбиен од Парма. Ефремовски е во тимот на местото на повредениот Ненад Димитријевиќ.
Кај Русија, нови имиња во однос на дуелот со Италија ќе бидат евролигашките кошаркари Владислав Трушкин од Зенит и Џоел Боломбој од ЦСКА Москва.
„Нема предавање. Се изненадивме што Русија загуби толку убедливо од Италија, ќе мора да го дадеме максимумот ако сакаме да победиме. Ќе бидеме поопуштени и верувам ќе биде подобро отколку против Естонија. Со Естонците некако бевме во грч, особено на почетокот“ – вели Крстевски кој на центарската позиција треба да го штити рекетот заедно со Љубомир Младеновски и Шејн Витингтон.
„Не се непобедливи Русите, се виде тоа и со нивниот резултат во Италија, се надеваме на изненадување. Играта од второто полувреме од дуелот со Естонија е показател како треба да се однесуваме и да настапиме на сите 40 минути во Русија“ – вели Младеновски.