Се најде играч што ги повтори чудата на Чемберлен и Харден (Видео)

Втор меч по ред Бредли Бел блеска на теренот во НБА-лигата. За жал, останатите играчи на Вашингтон не беа толку многу расположени за игра, па Волшебниците не направија чудо во дуелот со најдобриот тим во лигата. Милвоки победи на гости кај Вашингтон со 137:134, во меч на кој мораше да се игра продолжение од пет минути.

Бел, кој на претходниот меч против Чикаго даде 53 поени во победата од 126:117, овојпат постигна рекордни во кариерата 55 поени. Дури 29 поени Бел успеа да даде во последната четвртина и продолжението, но и тоа не беше доволно да се победи Милвоки.

Милвоки во текот на целиот меч имаше предност, а во последната четвртина таа предност беше и 17 поени (102:85), но домаќините не се предадоа. Успеаја да ја анулираат негативата на госитите и првото водство на мечот го имаа на неколку секунди пред крајот, кога беше 123:121. Сепак, Милвоки даде поени и стигна до продолжение во кое гостите беа посмирени и стигнаа до триумф.

Бел не донесе победа на Вашингтон, но влезе во историјата на НБА само како трет играч кој на два меча по ред дал барем 53 поени. Претходно тоа им имаше успеано само на Вилт Чемберлен и Џејмс Харден. Интересно е што Бел стана првиот играч по Коби Брајант што успеал на два меча во низа да даде 50+ поени, и тоа на денот на комеморацијата за смртта на еден од најдобрите НБА-играчи во историјата.

Резултати: Кливленд – Мајами 125:119 по продолжение, Филаделфија – Атланта 129:112, Вашингтон – Милвоки 134:137, Бруклин – Орландо 113:115, Хјустон – Њујорк 123:112, Далас – Минесота 139:123, Јута – Феникс 111:131, ЛА Клиперс – Мемфис 124:97.

- Оглас -

Најнови вести