Рафаел Варан е фаворитот на Мишел Платини за освојување на Златната топка во изборот на францускиот „Франс фудбал“. Легендарниот француски фудбалер верува дека оваа престижна награда ќе му припадне на член од „галските петли“, кои летово станаа светски прваци. Од тие кои се закитија со светската репрезентативна титула, Варан е единствен кој може да се пофали и со европска титула на клупско ниво со Реал Мадрид.
„Постои само еден играч кој ја освои Лигата на шампионите и стана светски првак, а неговото име е Рафаел Варан. Затоа мислам дека сè е јасно и логично. Варан мора да ја освои Златната топка“, е објаснувањето на Платини.
Варан беше еден од главните во одбраната на Реал и сигурно заслужен што Кралскиот клуб три сезони по ред е европски првак. Сепак, во новата сезона Варан игра очајно за Реал и веќе направи неколку грешки по кои неговиот тим примаше голови.
Освојувачот на Златната топка ќе биде познат на трети декември, за кога е закажан изборот. На досегашните два традиционални избори на УЕФА и на ФИФА главните награди ги освојуваше Лука Модриќ.