Ноќ за паметење одиграа таканаречените аутсајдери во првата нокаут-фаза во Лигата на Европа, а изненадувањата се редеа како на филмска лента.
Редум испаѓаа поранешните европски прваци Порто, Бенфика, Ајакс и Селтик, екипи што заедно имаат 9 европски титули од Купот на европските шампиони или во Лигата на шампионите.
Режисери на сензационалните резултати и елиминации на фаворитите беа Хетафе, екипа што го исфрли Ајакс, потоа Копенхаген, кој победи во Глазгов и го елиминира Селтик, потоа Шахтар со елиминација на Бенфика и Баер, кој лесно го исфрли Порто.
За влакно од елиминација се спаси најтрофејната екипа во Лигата на Европа, Севилја, во двомечот со Клуж. Романците постигнаа погодок во самиот финиш што ќе ги одведеше во осминафиналето, но по консултација со судиите во ВАР-собата, Летонецот Трејманис го поништи голот. Мечот заврши без голови, а благодарение на погодокот во првиот меч што исто така заврши нерешено, 1:1, петкратниот освојувач на пехарот во ЛЕ, Севилја мина понатаму.
Сензациите може и да не завршат тука бидејќи и Арсенал прокоцка предност од 1:0 од Атина против Олимпијакос, па на „Емирати“ се играат продолженија.
Резултати од мечевите што почнаа во 21 часот: Ајакс – Хетафе 2:1 (вкупен резултат 2:3), Арсенал – Олимпијакос 0:1 (1:1 вкупен резулта, се играат продолженија)., Интер – Лудогорец 2:1 (4:1), Манчестер јунајтед – Бриж 5:0 (6:1), Бенфика – Шахтар 3:3 (4:5), Селтик – Копенхаген 1:3 (2:4), Севилја – Клуж 0:0 (1:1).