Македонскиот репрезентативец Енис Барди станува сè повлијателен во Леванте, па и во шпанската Ла Лига, а „Марка“ објави дека играчот од средниот ред е во топ 3 играчи на својот клуб според продажбата на дресовите.
Десетката на Барди е најпродавана, по тие на соиграчите Хозе Моралес и Роџер Марти. Или по редослед, дресовите со броевите 11, 9 и 10 се најбарани во Валенсија, од каде што е Леванте. Секако, ова е клупско рангирање, но и голем комплимент за игрите и односот на Барди.
Нашиот репрезентативец ја игра само втората сезона во Ла Лига и во Леванте, а веќе е во друштво на капитенот Моралес и на Роџер, кои се многу подолго од него во клубот.
Дебитантската сезона, лани во Леванте, Барди ја одигра брилијантно. Неговите слободни удари беа сензационални за шпанските љубители на фудбалот, а со девет голови нашиот репрезентативец беше меѓу најефикасните кај Леванте.