Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија поради итност на донесување одлука донесе неколку „Одлуки без присуство”, а овие тие треба да се потврдат на наредната седница на УО на РФМ.
Левче Китески е назначен на функцијата директор на машките и женските ракометни репрезентации при РФМ. Китески е поранешен директор и претседател на Металург, а оваа директорска улога ја презеде од Силвана Карбеска, која беше директор на женската репрезентација, и од Димитар Митревски, кој беше задолжен за машкиот тим. Митревски е наименуван за координатор на машките репрезентациии.
Гино Стрезовски е нов стручен советник на селекторите во женските репрезентации, меѓу нив и на Симе Симовски, кој го води сениорскиот тим А, а и Управниот одбор на РФМ добива двајца нови членови. Едниот е поранешниот кошаркар Ѓорѓе Војновиќ, кој сега е главен извршен директор на компанијата „Триглав Осигурување“. Во УО влегува и др. Билал Суџубаши, генералниот извршен директор на „Халкбанка“ АД Скопје.