На мечевите од Лигата на шампионите и Лига Европа кои се во организација на УЕФА, од следната сезона нема да се поништуваат голови ако ВАР покаже дека играчот кој го постигнал голот бил во минимална офсајд ситуација. Можеби ова ќе се примени и на Европското првенство.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, кажа дека ќе се користат подебели линии кои ќе треба да решат дали било офсајд или не, за да се избегнат моменти кога поради офсајд од еден сантиметар значи поништување на гол.
„Офсајд од еден сантиметар не е офсајд, тоа не е смислата на правилото за офсајд. Треба да има јасна и очигледна грешка, за да се употреби ВАР. Подебели линии ќе бидат користени, не може поради офсајд од еден сантиметар сезоната на некој клуб да биде уништена. Играта со рака истотака е проблематична, но не знам што можеме да направиме во таа насока. Со судиите разгледуваме неколку опции”, изјави Чеферин.
Новите линии за определување на офсајд ќе користат во ЛШ и ЛЕ, но не и во сите национални шампионати, туку раководствата на секоја федерација одделно, ќе определат како ќе го користат ВАР системот.
На состанокот во Будимпешта на 30 и 31 март, ќе се гласа за новите правила.