„Фала Бетис“ е пораката од Барселона, во Мадрид знаат дека така се губат титулите

Реал Мадрид синоќа загуби на гостувањето кај Бетис и му го препушти лидерското место во Примера на најголемиот ривал Барселона. Кралевите само пред една недела се радуваа на триумф во Ел Класико и преземањето на челната позиција на табелата, но тоа траеше само едно коло.

Бетис поведе со 1:0, Бензема од пенал израмни пред крајот на првиот дел, но во 82-рата минута следуваше нов шок за гостите и тимот од Севилја на крајот се израдува на триумф. Реал Мадрид има само една победа, и тоа таа над Барселона, во последните пет меча во сите натпреварувања.

Каталонските медиуми ја слават победата на Бетис, затоа што знаат дека таа може многу да значи во трката за титулата. Актуелниот првак сега повторно е во пол-позиција и сам одлучува до крајот на сезоната. „Фала Бетис, фала Мадрид“, стои на насловната страница на каталонскиот „Спорт“, а победата на Бетис се прославува и на весникот „Мундо депортиво“.

Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, вели дека ова бил најлошиот одигран меч на Кралевите сезонава и дека тој е виновен за тоа.

„Премногу ја губевме топката. Нема оправдувања, јас сум виновен. Никако не можеме да бидеме задоволни. Играчите се трудеа, но ништо не одеше како што треба. Мора да направиме добра анализа за тоа што се случи. Нема да се предадеме. Мора да гледаме напред, остануваат уште 11 кола до крајот и треба да се бориме. Ова беше најлошиот меч сезонава и јас сум виновен за тоа“, рече Зидан по поразот од Бетис, тим кој со овие три бода скокна на 12-тото место на табелата.

Мадридските весници, „Ас“ и „Марка“ имаа само критики за играта на Реал, па на насловната страна на „Марка“ стоеше наслов „Вака се губат титулите во првенството“, додека „Ас“ имаше порака „Реал го загуби умот“.

 

- Оглас -

Најнови вести