Сериозна е повредата на борбениот топчија – Тореира ја заврши сезоната

Лукас Тореира ја заврши сезоната и нема да игра за Арсенал по скршеницата на глуждот на дуелот со Портсмут во меч од ФА купот.

Арсенал скапо ја плати цената за пласманот во четвртфиналето и Тореира ќе мора да паузира од 8 до 10 недели според проценките на медицинскиот тим.

Топчиите во незгоден момент од сезоната останаа без борбениот играч од средниот ред бидејќи бијат битка за да се приклучат кон екипите што бркаат пласман во европските купови.

Арсенал со 40 бода моментно е на деветтото место и заостанува зад четвртопласираниот Челзи за 8 бода, но има меч помалку. Првите четири екипи ќе играат во Лигата на шампионите, но ако остане суспензијата на УЕФА за Манчестер сити, можно е и петтопласираниот тим да игра во луксузното натпреварување.

Моментно на таа позиција е Манчестер јунајтед со 45 бода и натпревар повеќе од Арсенал.

 

 

- Оглас -

Најнови вести