Зинедин Зидан ја презеде одговорноста за поразот на Реал Мадрид кај Бетис, а на францускиот тренер може да му се случи да добие отказ ако тимот испадне во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Сантијаго Солари лани беше разрешен по елиминацијата во четвртфиналето на ЛШ од Ајакс, а Аргентинецот имаше 73 проценти успешност во шпанската лига. Зидан е на прагот да испадне од ЛШ и тоа уште порано, во осминафиналето, а иако уште е во игра за титулата во Шпанија, откако се врати, освои 69 проценти од можните бодови. Ако Солари беше сменет за подобри резултати, нема зошто Зидан да не го снајде истата судбина.
Во неговата втора етапа на клупата на Реал, Зидан загуби 10 од 50-те меча. Во првиот престој во Реал, кога освои три европски титули по ред, Зидан десеттиот пораз го имаше по 105 одиграни средби. Реал има четири порази на последните седум меча во сите натпреварувања, многу често експериментира и тоа може да ги остави без освоен трофеј. Претседателот Флорентино Перес нема да го остави Зидан на клупата и во следната сезона ако не освои ништо.