Спортот буквално може да се блокира поради Коронавирусот. Смртоносниот вирус добива сè поголем замав низ цела Европа. Во Италија веќе е донесена одлука речиси за еден месец мораториум на спортот поради Коронавирусот, а речиси сите мечеви во Лигата на шампионите што следуваат ќе се играат без присуство на публика.
Сè поголем е бројот и на националните федерации кои се за идејата да се одложи и одигрувањето на Европското фудбалско првенство кое треба да биде летово. Континенталниот собир ќе се игра во повеќе држави во чест на 60 години од првото ЕП одиграно во 1960 година.
„Националните федерации прават огромен притисок на УЕФА за да може успешно да ги завршат своите првенства. Притисокот се зголемува, а идејата да се одложи ЕП во УЕФА треба сериозно да се разгледа. Поголем дел од националните федерации ќе бараат одложување на ЕП за да ги завршат домашните шампионати“, пишува италијанскиот весник „Тутоспорт“.
Првиот човек на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин засега е против идејата да се одложи ЕП.