Формула 1 ќе попушти, нема да има трка во Австралија

Љубителите на Формула 1 ќе мора да почекаат некој друг викенд за почеток на новата сезона во овој спорт. Иако официјално уште не е донесена одлуката, сите најави одат кон тоа дека трката за Големата награда на Австралија сепак ќе биде одложена, со што ќе им се исполни желбата на пилотите, меѓу кои и шампионот Луис Хамилтон.

Екипата на Мекларен во чии редови има еден инфициран од Коронавирусот, се повлече од австралиското Гран-при, а сега се чека само потврда од ФИА и Ф1 тимовите. Од Ф1 објавија дека здравјето на учесниците е на прво место и тоа се толкува како подготовка за она што неизбежно следува, а тоа е „црвено светло“ за трката во Австралија овој викенд.

Шесткратниот првак Хамилтон рече дека е шокиран што воопшто тимовите морале да отпатуваат во Австралија и покрај пандемијата. Според него, треба да се следи примерот од другите спортови кои ги одложија натпреварите.

Под знак прашалник се става и втората трка сезонава, која требаше да се вози на 22 март во Бахреин, како и третата на 5 април во Виетнам. Во моментов, во Виетнам не смее да влезе никој што претходните 14 дена бил во Италија или други ризични подрачја. Познато е само дека никој не знае кога ќе стартува Формула 1 првенството и како ќе изгледа календарот на трките.

- Оглас -

Најнови вести