Кошаркарската НБА лига одлучи да запре со натпреварување, оваа пауза ќе трае минимум еден месец, а ако паузата биде и подолга, ќе има многу проблеми кои ќе се појават како негативни ефекти од оваа суспензија.
Комесарот Адам Силвер не ја исклучува можноста големото финале да се игра во јули и тоа во втората половина на тој месец. Ако сезоната течеше нормално, финалето ќе завршеше најдоцна на 21 јуни, и сите играчи ќе имаа доволно одмор за да може да настапат на олимписките игри во Токио во август. Сега и ЛОИ се загрозени.
Најцрното сценарио е сезоната и воопшто да не продолжи и да не се прогласи шампион.
Финансиските последици се големи. Секој тим во НБА губи во просек по 1,9 милиони долари за секој одложен или откажан домашен меч. Лигата процени дека загубите ќе бидат околу 275 милиони долари за пауза од еден месец. Ако се загуби сезоната и таа биде прекината, загубата ќе биде и 500 милиони долари.
Засега од коронавирус се заболени двајца кошаркари од Јута џез. Во лигата не сакаа никаков ризик и ги одложија сите мечеви, и никој не знае кога сезоната ќе продолжи. Руди Гобер кој прв се инфицираше, а потоа Мичел се зарази од него, нема да биде казнет или дополнително суспендиран од НБА за невнимателниот однос во перидоот кога не знаеше дека е носител на вирусот.