Претседателот на фудбалскиот сојуз на Србија, Славиша Кокеза, се наоѓа на инфективна клиника во Белград, и тоа е доволна причина за српските медиуми да објават дека првиот човек на ФСС има коронавирус. Интересно е што иако вирусот постои и се шири и кај нашиот северен сосед, фудбалското првенство не е прекинато, туку викендов ќе се играат натпреварите.
Кокеза пред 15 дена наводно бил на саем на мода во Милано, и можеби таму би добил симптомите, а на почетокот на март беше во Амстердам на ждрепката за Лигата на нации и состанокот на извршниот комитет на УЕФА. Во Амстердам беа и претседателот и потпретседателот на Фудбалската федерација на Македонија, како и селекторот Игор Ангеловски.
Во текот на денешниот ден, вработените во ФСС биле пуштени дома порано, пред завршувањето на вообичаеното работно време.
Според изјави од лица од ФСС, тие со Кокеза комуницираат само по телефон и тврдат дека тој е настинат. Температурата не му била висока, и нормално комуницирал со лекарите.