Формула 1 ги одложи трките во Холандија, Шпанија и Монако поради глобалната пандемија од Коронавирус. По трките во Австралија, Кина, Бахреин и Виетнам, кои беа одложени претходно, сега црвено светло добија уште три трки.
Гран прито на Холандија кое требаше да се врати во календарот по 1985 година, требаше да се одржи викендот од 1 до 3 мај, а шпанското Гран при еден викенд подоцна. Низ улиците на Монте Карло трката требаше да се вози на 24 мај.
„Формула 1, ФИА и промотерите одлучија вака со цел чување на здравјето на сите екипи учесници во трките и фановите. Тоа е наш приоритет“, стои во соопштението на Формула 1.
Формула 1 и ФИА очекуваат сезоната 2020 да почне налето, откако ќе се обезбеди сигурност дека нема да има ризик од зараза. Прва трка може да биде во Азербејџан на 7 јуни. Треба да има 18 трки и ако сезоната почне во јуни, календарот ќе биде претерано набиен и можеби ќе треба да има трки и во декември.